Selen Temizer
26 Ноември 2022•Ажурирај: 27 Ноември 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Русија денес ја користи гладта како оружје во војната против Украина и за создавање поделби и дополнителна нестабилност меѓу остатокот од светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг на самитот „Жито од Украина“, организиран на иницијатива на украинскиот претседател Владимир Зеленски, се осврна на трагедијата од Холодомор, во која советскиот режим принуди милиони луѓе да умрат од глад на тлото на Украина во периодот од 1932 до 1933 година.
„Денес Русија ја користи гладта како оружје во војната против Украина и да создаде поделби и дополнителна нестабилност меѓу остатокот од светот“, нагласи Столтенберг.
Тој истакна дека ги поздравува напорите од сојузниците на НАТО и на Европската Унија за транспорт на храна од Украина преку копнен пат. Изрази задоволство од улогата на Туркије во продолжувањето на Договорот за црноморскиот коридор за жито.
„Посебно ја поздравувам поддршката на нашиот НАТО-сојузник Туркије за проширување на Иницијативата за жито заедно со Обединетите нации. Кога се сретнав со претседателот Реџеп Таип Ердоган во Истанбул ги видов бродовите со жито во Истанбулскиот Мореуз. Тие од украинските пристаништа доставуваат храна, жито и ѓубриво за загрозените луѓе на кои им е итно потребно“, рече Столтенберг.