Elena Teslova
26 Ноември 2022•Ажурирај: 28 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Претседателот на украинскиот Парламент изјави дека ќе побара од неговите колеги од целиот свет да ја признаат трагедијата од Холодомор од 1932 до 1933 година како „геноцид врз украинскиот народ“ во времето на Советскиот Сојуз, јавува Агенција Анадолија (АА).
Признавањето на Холодомор е „фундаментално важно за создавањето и развојот на украинската држава“, рече Руслан Стефанчук, спикерот на еднодомната Врховна Рада пред украинските амбасадори на годишната конференција, нагласувајќи дека барањето ќе го поднесе во јануари.
„Сметам дека целиот украински народ ќе биде искрено благодарен доколку нашите амбасадори во сите земји придонесат за усвојување на соодветните одлуки од владите и парламентите од [земјите] во светот“, нагласи Стефанчук.
Холодомор се смета за еден од најболните настани во историјата на Украина.
Според Украинскиот институт за национално сеќавање, најмалку 3,9 милиони луѓе умреле од глад во периодот од 1932 до 1933 година како резултат на политиките на Сталин и „колективизацијата“ на земјоделството.
Советскиот Сојуз ја спроведе колективизацијата на својот земјоделски сектор помеѓу 1928 и 1940 година со цел да ги интегрира индивидуалните земјопоседници и работната сила во колективно контролирани фарми и фарми под капа на државата. Колективизацијата зафати значителен дел од западниот и јужниот дел на Советскиот Сојуз.
Проценето е дека од 5,7 до 8,7 милиони луѓе умреле од глад низ целиот СССР.
Украина тврди дека гладот на нејзината територија бил „намерен“ и го нарече „геноцид врз украинскиот народ“.