Ekipa
28 Март 2021•Ажурирај: 29 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија е вреден сојузник на НАТО, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во честитката за, како што рече, успешната прва година на Северна Македонија во Алијансата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за одбрана, Столтенберг истакнал дека Северна Македонија е суверена земја во силната Алијанса, со свое место на масата на НАТО и еднаков глас во обликувањето на одлуките.
„Тоа е крај на едно патување поплочено со храброст и одлучност, што ја постави Северна Македонија на патот на стабилноста и просперитетот, опкружена со 29 пријатели и сојузници, а тоа е добро за граѓаните на Северна Македонија, за регионалната безбедност и за трансатлантската безбедност“, порача Столтенберг во видеообраќањето по повод годишнината.
Нарекувајќи ја Северна Македонија сигурен извозник на безбедност, генералниот секретар го поздрави учеството на припадниците на Армијата во мисиите на НАТО.
„Заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги запознав вашите специјални единици кои се обучуваа во Скопје. Ги запознав и вашите високо професионални храбри трупи кои се борат против меѓународниот тероризам кога го посетив Кабул. Северна Македонија е сигурен извозник на безбедност“, рече Столтенберг и го поздрави планот за инвестирање на 2% од БДП во одбраната.
Тој во обраќањето се осврна и на солидарноста на НАТО во услови на пандемија, на новите безбедносни закани, нагласувајќи дека на следниот Самит на НАТО ќе биде поставена амбициозна агенда за иднината на Алијансата преку иницијативата за НАТО 2030 година.
„Во овие неизвесни времиња, уште поважно е да имате пријатели и сојузници. Затоа, честитки уште еднаш на Северна Македонија за успешната прва година. Ви благодариме за континуираниот придонес за нашата заедничка безбедност. Ѝ благодариме на Канцеларијата за врски на НАТО за целата нивна помош и поддршка низ годините. Заедно стоиме, 30 сојузници на број. Заедно продолжуваме да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани“, нагласи Столтенберг во видеообраќањето.