Hasan Esen
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
БРИСЕЛ (АА) - Стотици членови на синдикатите во Белгија се собраа денес пред седиштето на партијата на белгискиот премиер Чарлс Мишел, Движењето на реформистите (MR), со намера да го поддржат штрајкот кој го започнаа чуварите во затворите, јавува Anadolu Agency (AA).
Некои од демонстрантите, кои потоа организираа протестна прошетка до Министерството за правда во Брисел, се обидоа да влезат во зградата, но полицијата ги спречи во тоа, користејќи солзавец. Демонстрантите врз зградата на Министерството фрлаа јајца.
Чуварите штрајкуваат веќе 23 дена. Штрајкот го започнаа поради незадоволството од условите за работа, а првенствено поради недоволниот број на работници предизвикано од буџетското намалување.
Војниците започнаа да ги извршуваат задачите на чуварите. Затворениците во Брисел и Валон поради штрајкот се лишени од основните права, меѓу кои правото на туширање, три оброци дневно и средба со семејствата.
Чуварите во затворите бараат вработување на поголем број лица, а нивниот штрајк го поддржаа и членови на различни синдикати. Демонстрант кој се обрати на присутните пред седиштето на партијата рече дека ситуацијата во затворите е сè потешка и дека се потребни поголем број на вработени.