Ekipa
31 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
КАРТУМ (АА) - Судански демонстрант почина денес како последица на здобиените повреди, со што бројот на загинати во протестите против военото преземање на власта во земјата достигна 11, јавува Агенција Анадолија (АА).
Независната Комисија на доктори соопшти дека тројца демонстранти се застрелани од страна на Војската на вчерашните протести против военото преземање.
„Бројот на починати меѓу побунетите се зголеми на 11 од 25 октомври“, додаде Комисијата.
Немаше непосредни изјави од државните воени водачи во врска со соопштението на Комисијата.
На 25 октомври, владејачкиот воен совет на Судан прогласи вонредна состојба и го распушти преодниот Суверен совет и Владата, неколку часа по приведувањето на премиерот Абдала Хамдок и министрите во неговата цивилна влада. Советот исто така отстрани некои одредби од уставниот документ што ја одредува политичката транзиција во Судан.
Потегот дојде за време на тензиите помеѓу Војската и цивилната управа во Судан кои ескалираа по неуспешниот воен пуч минатиот месец.
Пред военото преземање, Судан беше управуван од страна на суверениот Воен совет и цивилните службеници, кои го надгледуваа периодот на транзиција до изборите закажани во 2023 година.