Ekipa
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
КАРТУМ (АА) - Суданската опозиција Алијанса за промена и слобода ги бојкотира преговорите за транзиција со Воениот совет, кој ја презеде власта во Судан по соборувањето на претседателот Омар ал Башир, јавува Anadolu Agency (AA).
Челникот на Асоцијацијата на судански синдикати (SPA), Мухамад ал Амин Абдул Азиз, изјави дека преговорите влегле во безизлезна ситуација.
Тој за време на обраќањето пред демонстрантите го обвини Воениот совет дека одбива да ја предаде власта во рацете на цивилната влада.
„Ние сме против воениот режим и не го признаваме ниту овој режим, кој го сметаме за пучистички и наследство од поранешниот режим“, изјави Абдул Азиз.
Од друга страна, претседателот на Воениот совет на Судан, Абделфатах Бурхан, синоќа изјави дека соборениот претседател на државата, Омар ал Башир, и други високи официјални претставници на неговиот режим се наоѓаат зад затворски решетки.
Бурхан изјави дека во Резиденцијата на соборениот Ал Башир се пронајдени седум милиони евра, 350.000 долари и неколку милијарди судански фунти во готовина.
Истакнувајќи дека привремената власт во Судан ја извршува Воениот совет, Бурхан изјави дека моментално во Судан нема политички затвореници, а дека процесот на транзиција на власта на цивилната влада ќе ја забрза конструктивната работа на политичките групи.
„Ние на власт не дојдовме со воен удар, туку со народна револуција. Немаме намера да останеме на власт. Власта ќе ја предадеме на цивилната влада толку брзо колку што политичките групи ќе дојдат до консензус“, изјави Бурхан.
Нагласувајќи дека корупцијата длабоко се вкоренила во државниот апарат и дека за реформата на државните институции ќе треба подолг период, Бурхан изјави дека технократската влада била најдобра опција за Судан.
Суданската војска, по повеќемесечни протести, го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со Судан од 1989 година.
Војската, исто така, основаше Воен совет кој ќе управува во земјата во преодниот период од две години. На чело на Советот првобитно е именуван министерот за одбрана, Ахмед Авад ибн Ауф, кој ден подоцна поднесе оставка, а наместо него е именуван генерал-полковник Абделфатах Бурхан.