Ekipa
25 Октомври 2021•Ажурирај: 25 Октомври 2021
КАРТУМ (АА) - Суданската армија приведе членови на цивилната Влада и водачи на владејачката коалиција Сили за слобода и промени (FFC), изјавија денес официјални претставници во главниот град Картум, јавува Агенција Анадолија (АА),
Официјалните претставници, кои не сакаа да бидат именувани, потврдија и дека војската го опколила местото на живеење на премиерот Абдала Хамдок и го ставила во домашен притвор.
Според локалните медиуми, меѓу приведените министри се министерот за индустрија Ибрахим ал Шеик и министерот за информации Хамза Балул.
Здружението на судански професионалци (SPA) го повика суданскиот народ да протестира против, како што истакна, воениот удар против цивилната Влада.
Политичките партии во северноафриканската држава, вклучително и Арапската социјалистичка партија Баас и Суданската комунистичка партија, повикаа на граѓанска непослушност во знак на протест против „пучот“.
Во соопштението за медиумите го повикаа народот да се спротивстави на обидите на Армијата да ја преземе власта.
Очевидци изјавија дека во некои населби на Картум има протести против воениот удар.
Според репортерот на Агенција Анадолија на терен, електричната енергија и интернетот се прекинати низ големи делови во Картум.
По неуспешниот воен удар минатиот месец, во северноафриканската држава избувнаа длабоки тензии меѓу војската и цивилната администрација.
Во петокот, илјадници про-воени поддржувачи организираа протести против преодната Влада на Хамдок во главниот град Картум, дополнително ескалирајќи ги политичката тензии меѓу цивилната администрација и Армијата.
Протестот се случи еден ден откако илјадници поддржувачи на про-цивилната Влада одржаа протести низ целата земја, додека про-воените демонстранти одржуваа протести пред претседателската палата во последните седум дена.
Во четвртокот вечерта, Хамдок ѝ се обрати на нацијата, пофалувајќи ги демонстрантите и вети дека неговата влада ќе продолжи да го поддржува цивилното владеење и демократскиот развој.
Со земјата моментално управува Суверен совет на воени и цивилни власти, кој го надгледува периодот на транзиција до изборите закажани за 2023 година, како дел од пактот за поделба на власта меѓу војската и Силите за слобода и промени.