Muhammet Nazım Taşcı
16 Декември 2020•Ажурирај: 17 Декември 2020
ИСЛАМАБАД (АА) - Двајца пакистански војници го загубија животот во конфликтот меѓу Индија и Пакистан кој настана на контролната линија во Кашмир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на пакистанската Армија се наведува дека индиските единици го нарушиле примирјето во регионот Багсар.
Исто така, се истакнува дека пакистанската Армија веднаш реагирала на кршењето на примирјето и им нанела многу загуби на индиските единици и дека во настанатиот конфликт двајца пакистански војници ги загубиле своите животи.
- Конфликти во пограничната област -
Во пограничната област често се случуваат судири меѓу двете земји.
На 9 декември, двајца индиски и двајца пакистански војници беа убиени во судирот меѓу Индија и Пакистан на контролната линија на Кашмир.
Пакистан и Индија, меѓусебно се обвинуваат за кршење на Договорот за примирје постигнат меѓу двете земји во 2003 година во Кашмир.
- Кризата во Кашмир -
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година, кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се припои кон Пакистан. Тогашниот гувернер, сепак, одлучи Кашмир да го припои кон Индија.
Од добивањето независност од Британија во 1947 година, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.
Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во првата војна за Кашмир, а потоа повторно војуваа во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, додека Кина, 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствената доминантно муслиманска сојузна територија во Индија.
Со одлуките на Советот за безбедност на ОН, донесени од 1948 година досега, се предвидува демилитаризација на Кашмир, а неговата иднина да се утврди со референдум.
Додека Индија искажува став против референдум, Пакистан е за спроведување на резолуциите на ОН.