Ata Ufuk Şeker
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
БРИСЕЛ
Општиот суд на ЕУ, кој е дел од структурата на Европскиот суд на правдата, највисокиот суд на ЕУ, со седиште во Луксембург, донесе одлука за тужбата што компанијата „Гугл“, со седиште во САД, ја поднесе против паричната казна што ѝ беше доделена од страна на Комисијата на ЕУ, известува Агенција Анадолија (АА).
Судот ја отфрли тужбата што „Гугл“ ја подигна против Комисијата на ЕУ која донесе одлука дека „Гугл“ ја злоупотребил својата доминантна позиција, со тоа што ја претпочитал сопствената услуга за шопинг пред услугата на конкурентите.
„Општиот суд ја потврди казната од 2,42 милијарди евра против „Гугл““, се вели во пресудата. По оваа фаза, досието може да се однесе до Европскиот суд на правдата за контрола на законитоста.
- За казната
ЕУ подигна истрага против „Гугл“ со образложение дека компанијата им дала предност на сопствените шопинг-услуги благодарение на сопствениот интернет-пребарувач. Во 2017 година, Комисијата на ЕУ го казни „Гугл“ со 2,42 милијарди евра за злоупотреба на доминацијата на пазарот како интернет-пребарувач и упати барање, интернет-пребарувачот „Гугл“ да ѝ овозможи подеднаков третман и на конкуренцијата во шопинг-услугите.
„Гугл“ подигна правна постапка против предметната казна. Компанијата тврдеше дека паричната казна на ЕУ е погрешна од законски, квалитативен и економски аспект.
- Казни на ЕУ за „Гугл“
ЕУ во 2018 година го казни „Гугл“ со 4,34 милијарди евра поради злоупотребата на доминацијата на пазарот во оперативниот систем „Андроид“.
Исто така, ЕУ во 2019 година го казни „Гугл“ со 1,49 милијарди евра за злоупотреба на доминацијата на пазарот во сопствената „рекламна услуга“, „АдСенс“.
Во периодот од 2017 до 2019 година ЕУ поведе повеќе тужби против „Гугл“, доделувајќи му казни со вкупна вредност од над 8 милијарди евра.