Barış Seçkin
27 Ноември 2024•Ажурирај: 28 Ноември 2024
Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, денес изјави дека земјите од Западен Балкан треба да станат членки на Европската Унија (ЕУ) пред 2030 година, јавува Анадолу.
На последниот ден од Форумот МЕД за медитерански дијалог во Рим се одржа панел насловен „Медитеранска безбедност: Улогата на Западен Балкан“. Десеттиот ваков форум го организираа Институтот за меѓународни политички студии (ИСПИ) и Министерството за надворешни работи на Италија.
Шефот на италијанската дипломатија Тајани го одржа воведниот говор како домаќин, а на настанот присуствуваа албанскиот министер за надворешни работи Игли Хасани, црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, помошник министерот за надворешни работи на Србија, Игор Кужелка и Мелита Габриќ, државна секретарка за мултилатерални односи, економска дипломатија и развојот на Министерството за надворешни работи на Словенија.
Вицепремиерот Тајани посочи дека процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ го гледа како обединување на Европа, а не како интеграција и додаде дека Италија го поддржува тој процес.
Тој истакна дека осигурувањето оти Западен Балкан ќе стане дел од Европа им служи на нивните политички, стратегиски, но и економски интереси и дека тоа важи за сите балкански компании.
„Прикажана е 2030 година како датум за пристапување на земјите од Западен Балкан што сѐ уште не се членки на ЕУ, но веруваме дека тоа може да се стори и порано“, рече Тајани.
Тајани рече и дека наскоро во Рим ќе се сретне со новата висока претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, како и со новата членка на Европската комисија одговорна за проширување, Марта Кос, со цел да се утврди стратегијата по ова прашање.
Словенечката државна секретарка Габриќ порача дека Словенија ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.
Габриќ се осврна и на ситуацијата на Блискиот Исток.
„Примирјето во Либан е несомнено одлична вест, но сега нашиот фокус мора да се насочи кон итно обезбедување прекин на огнот во Газа“, рече Габриќ.