Ekipa
31 Јули 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Се тврди дека заменик-потсекретарката на Министерството за надворешни работи на САД, задолжена за Јужна и Средна Азија, Алис Велс, остварила средба со водачи на Талибанците, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста во американскиот весник „Волстрит журнал“, средбата на американската делегација предводена од Велс со водачите на Талибанците е остварена во главниот град на Катар, Доха.
Во веста се наведува дека целта на оваа средба е зачувување на постигнатиот напредок во насока на средбите и постигнатото примирје меѓу авганистанската Влада и Талибанците за време на Рамазан Бајрам.
Од друга страна, весникот „Њујорк тајмс“ тврди дека на средбата не биле присутни претставниците на авганистанската Влада.
Според веста базирана врз изјавите на Талибанците, средбата била наменета за започнување на мировните преговори во Авганистан, и Талибанците очекуваат позитивни резултати од овие средби.
Претставниците на авганистанската Влада во изјава за овој весник нагласија дека ги поздравуваат сите напори во насока за мир во земјата.
„Ова е еден процес кој се води од страна на авганистанската Влада. Средбите се случуваат меѓу Талибанците и авганистанската Влада“, истакна за АА претставник од американското Министерство за надворешни работи.
Од друга страна, претставник од Министерството за одбрана на САД (Пентагон), истакна дека на овие средби не учествувале претставници на американската војска.