Burcu Arik
29 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
АЗАЗ (АА) - Еден од командантите на Слободната сириска војска, Абу Али Сиџо, изјави дека терористите на ПЈД/ПКК принудно ги регрутирале Курдите во сирискиот регион Африн и ги принудиле да се борат против турските сили и сириската опозиција коишто во тој регион ја спроведуваат операцијата „Маслинова гранка“, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските сили заедно со Слободната војска на Сирија на 20 јануари започнаа операција за ослободување на сириското погранично подрачје на Африн кој терористите на ПЈД/ПКК го држат под окупација речиси пет години, а во текот на вчерашниот ден беше ослободено стратешки важното брдо Бурсеја, во близина на центарот на Африн.
Командирот на 3. Корпус на Слободната војска на Сирија, Сиџо, за АА изјави дека брдото целосно е исчистено од терористичките елементи.
„Тука имаме еден заробен терорист. И тој потврди дека ПЈД/ПКК принудно регрутирала многу наши курдски браќа да се борат против турската Војска и Слободната војска на Сирија“, изјави Сиџо и додаде дека меѓу принудно донесените на боиште има голем број малолетници.
Во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, турските сили и сириската опозиција вчера го ослободија Бурсеја, а станува збор за стратешки важно брдо што се наоѓа североисточно од центарот на Африн и од кое терористите извршуваа ракетни и минофрлачки напади врз цивилите од соседен Азаз и турскиот пограничен град Килис.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Оттогаш, Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.