Ekipa
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
ЊУ ОРЛЕАНС (АА) - Најмалку 40 лица се повредени, илјадници луѓе останаа без електрична енергија, додека повеќе куќи и згради се уништени во силното торнадо што ги погоди јужните делови на сојузната држава Луизијана во САД, јавија официјални лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Невремето рушеше дрвја, ги искина жиците што спроведуваат електрична енергија и преврте камион што превезуваше храна.
Официјалните лица соопштија дека зградата на НАСА во Њу Орлеанс претрпе структурни оштетувања.
Гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс ја посети погодената област и прогласи катастрофа, по што одржа состанок со официјалните лица од Њу Орлеанс.
Најголема штета е направена во населбата што во 2005 година беше поплавена како резултат на ураганот Катрина.
Гувернерот на Луизијана изјави дека е потресно да се видат истите луѓе како повторно страдаат и вети дека на населението од таа погодена држава ќе му се обезбедат сите потребни ресурси, колку што е можно поскоро.
Тој посочи дека торнадото погодило седум територијални единици.