Hakan Çopur
24 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека саудискиот крал Селман бин Абдулазиз го уверил дека не знаел ништо за убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарот на весникот „Американ Волстрит журнал“ („Amerikan Wall Street Journal“) го праша Трамп во Белата куќа дали во убиството на новинарот е вмешан првиот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, на што Трамп изјави дека со владините работи во Ријад најмногу управуваат принцовите и дека, доколку постои нечија вмешаност од врвот, тогаш тоа е претежно принцот.
„Повеќе пати разговарав со принцот Мухамед и го прашав дали знаел за убиството. Тврди дека не знаел. Го прашав и кој е одговорен, а тој тврди дека тоа се луѓето од пониски нивоа. Навистина сакам да му верувам и се надевам дека не знаел“, изјави Трамп.
Трамп уште еднаш го нарече убиството на новинарот Кашоги чин кој никогаш не смее да се повтори, а истакна дека обидот за негово прикривање бил еден од најлошите во историјата на прикривање на злосторства.
Властите на САД синоќа најавија дека ќе ги укинат визите на 21 службеник на Саудиска Арабија поради сомнеж дека се поврзани со убиството на Кашоги.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија неодамна соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.