Michael Hernandez,Servet Günerigök
23 Јули 2019•Ажурирај: 23 Јули 2019
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД и Пакистан се стремат кон исполнување огромен потенцијал во нивните билатерални односи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние не го исполнивме потенцијалот на ниту една земја“, изјави Трамп за новинарите во Овалната канцеларија, каде што го угости пакистанскиот премиер, Имран Кан.
„Мислам дека не стигнавме ни приближно да го исполниме потенцијалот со Пакистан, а исто така и обратно“, рече тој.
Кан се наоѓа во Вашингтон на неговата прва официјална посета на САД откако стана премиер во август, 2018 година.
„Да бидам искрен, мислам дека имаме подобри односи со Пакистан сега, отколку тогаш кога ги плаќавме тие пари“, изјави Трамп, осврнувајќи се на помошта од околу една милијарда долари за безбедноста на Пакистан, која минатата година ја прекина, обвинувајќи го Исламабад дека не прави доволно за да се бори против екстремизмот.
„Но, сето тоа може да се врати во зависност од тоа што работиме. Ние работиме на работи кои се многу, многу важни“, рече Трамп.
Кан изјави дека ќе побара од американскиот претседател да помогне да се воспостави мир со Индија, истакнувајќи дека луѓето на потконтинентот „се заложници на прашањето за Кашмир“.
„Само најмоќната држава, предводена од претседателот Трамп, може да ги обедини двете земји“, рече Кан и додаде: „Ние ги направивме сите увертири во Индија за да започнеме дијалог, да ги решиме нашите разлики преку дијалог, но за жал, сè уште не направивме напредок“.
Трамп изрази подготвеност да ја преземе актуелната задача, велејќи дека индискиот премиер Нарендра Моди побарал од него да посредува.
„Доколку можам да помогнам, би сакал да бидам медијатор. Невозможно е да се верува дека две неверојатни земји кои се многу, многу паметни, со многу паметни лидерски способности не можат да го решат проблемот“, рече Трамп.
Сепак, Индија негираше дека Моди ја направил увертирата и брзо ја отфрли секоја улога на САД во разговорите, цитирајќи ја својата политика дека сите „отворени прашања со Пакистан се дискутираат само билатерално“.
„Секој ангажман со Пакистан би требало да стави крај на прекуграничниот тероризам. Договорот од Шимла и Лахорската декларација даваат основа за решавање на сите прашања меѓу Индија и Пакистан билатерално“, напиша на Твитер портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, Равееш Кумар.
- Состанок Трамп - Кан
„Двајцата лидери се состанаа да разговараат за тоа како двете нации би можеле да работат заедно за да донесат мир, стабилност и економски просперитет во Јужна Азија“, соопшти Белата куќа.
„Претседателот и премиерот дискутираа за заканата што ја претставува тероризмот за регионалната стабилност и дискутираа за начините на кои Пакистан може да поддржи мирно решавање на конфликтот во Авганистан“, се вели во соопштението.
„Трамп ги призна првичните чекори што Пакистан ги презеде за да ги олесни мировните напори во Авганистан. Тој, исто така, ја потврди заложбата на премиерот Кан да преземе дејства против милитантите и терористите“, пишува во соопштението на Белата куќа.
Трамп и Кан се согласија дека економскиот ангажман меѓу двете земји ќе го поттикне развојот во Пакистан, како и инвестициите и работните места во САД.
„Двајцата лидери се согласија дека таквиот ангажман, исто така, ќе придонесе за мирот и просперитетот во поширокиот регион на Јужна Азија“, се вели во соопштението.
„Трамп, исто така, изрази надеж дека двајцата лидери ќе ги заживеат сите аспекти на билатералните односи, вклучувајќи ги проширувањето на трговските договори и силните воени врски, како што продолжуваат да напредуваат во донесувањето на мирот и стабилноста во Јужна Азија“, се додава во соопштението.