Serdar Dincel
04 Ноември 2024•Ажурирај: 05 Ноември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека победникот ќе биде познат во вторник на изборната ноќ, тврдејќи дека има значителна предност пред главната противничка Камала Харис, јавува Анадолу.
Во телефонскиот разговор со „Еј-би-си њуз“ во неделата, Трамп одговори на прашањето дали мисли дека може да загуби, велејќи како може да се случи тоа.
„Може да изгубиш. Мислам, тоа се случува, нели? Но, мислам дека имам прилично значително водство, но сепак може да се каже, може да изгубиш. Лоши работи може да се случат. Знаете, работите се случуваат, но ќе биде интересно“.
Запрашан кога ќе ѝ се обрати на земјата за изборните резултати, Трамп рече дека тоа ќе се случи „во вистинско време“.
Што се однесува до неговите предизборни собири пред денот на изборите, Трамп рече дека „никој никогаш не го направил“ тоа што тој го направил.
„Ова се големи собири и огромен ентузијазам“, рече Трамп.
Американските гласачи на 5 ноември ќе одлучат кој ќе го води американскиот Конгрес, со одлука дали во Белата куќа ќе биде поранешниот претседател Доналд Трамп или потпретседателката Камала Харис. Која политичка партија и да заврши со водство во Домот или Сенатот, ќе биде од клучно значење за новиот претседател да ја спроведе својата законодавна агенда.
Изборите во САД, како и во претходните изборни циклуси, така и оваа година ќе ги одбележат таканаречените „свинг“ држави, односно неопределени држави, специфични по тоа што не може со сигурност да се утврди за кој претседателски кандидат ќе гласаат до последниот момент.
Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин се седумте клучни држави на овие избори.
Повеќе од 78 милиони Американци гласаа предвреме, вклучувајќи околу 700.000 повеќе демократи од републиканци, според податоците објавени од изборната лабораторија на Универзитетот во Флорида.