АФРИН (АА) - ХАЛИЛ ФИДАН - БЕХЧЕТ АЛКАН -
Припадниците на Турската војска и на Специјалните сили имаа значајна улога во ослободувањето на Африн за време на операцијата „Маслинова гранка“, а откако Африн е ослободен од терористите, турските специјалци се на услуга на бегалците кои се враќаат во своите домови, јавува Anadolu Agency (AA).
Вооружените сили на Турција (ТСК), кои со Слободната сириска војска (ССВ), успешно го исчистија центарот на Африн и околните села од терористите, уништија голем број терористички тунели, складишта и засолништа, продолжуваат со воспоставување безбедност во регионите во кои се враќа цивилното население.

Специјалните сили во Африн во текот на денот работат на чистење на мините, кои зад себе ги оставија терористите, додека за време на ноќта ги контролираат влезовите во центарот на Африн.
Турските сили, кои за време на борбата против терористите на ЈПГ/ПКК, посветија големо внимание за да не дојде до страдање или нанесување штета на цивилите, продолжуваат да помагаат на цивилното население кое се враќа во Африн и во околните села, а тоа е уште една потврда дека Турските сили имале една единствена цел во регионот, а тоа е да го исчистат подрачјето од терористите.

Така, на улиците на Африн можат да се видат припадниците на ТСК како помагаат на цивилите при транспорт на намирници, мебел и други работи, како играат со сириските деца, ги земаат во раце и ги радуваат со чоколади и подароци. Исто така, може да се види како специјалците голема помош и внимание посветуваат и на постарите жители на Африн. Вниманието на војската не е ускратено ниту кон напуштените мачки и кучиња.

Од укажаната почит се задоволни и жителите на Африн, кои пофално зборуваат за Турската војска и се заблагодаруваат на сè што таа сторила за нив.
Сириецот со курдско потекло, Нур Темеш (70), кој поради терористичката окупација на Африн не можеше да отиде до родниот град Џиндерес, денес се одлучи да се врати. Благодарен е, како што вели, за сето она што го сторила Турската војска.

На патот кон Џиндерес се сретнал со турските специјалци, и ја искористил таа можност за да им се заблагодари.
„Вие сте пратени од Бога, ви благодарам што нè спасивте“, изјави Темеш.

- Регионот на Африн ослободен од терористите -
Подрачјето на Африн во северозападна Сирија го сочинува истоимениот град и уште шест други помали градови. Сите центри на градовите се ослободени од терористите.
Операцијата во Африн е во согласност со Турското право, засновано на Меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК, им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.
- Терористите на ЈПГ/ПКК протераа стотици илјади луѓе -
Ширејќи ја својата окупација од Африн на запад и од Тел Абјад и Хасека на исток, терористичката организација ПЈД/ПКК протера стотици илјади Арапи, Курди, Асирци и Tуркмени, со цел да воспостави постојана окупација врз пограничниот појас на Сирија.
Aфрин е подрачје во северозападна Сирија, а на исток граничи со територија, која Турските вооружени сили и Слободната сириска војска ја ослободија за време на седуммесечната офанзива „Штитот на Еуфрат“, што заврши во март минатата година.
Во почетокот на 2016 година, пред почетокот на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, терористите од Aфрин започнаа со окупација во областите на исток.
Терористите од Aфрин го нападнаа местото Тел Рифат и протераа најмалку 250.000 цивили, кои избегаа во соседен Aзаз, кој е под контрола на опозициската Слободна сириска војска (ССВ).
Станува збор за цивили од вкупно 60 населени места, кои ги окупираа терористите.
Челникот на локалното Собрание во Тел Рифат, Махмут Алит, за АА претходно изјави дека раселените цивили чекаат да заврши терористичката закана од Aфрин за да се вратат во Тел Рифат.
Турските вооружени сили и Слободната сириска војска во неделата воспоставија контрола во Aфрин во рамките на операцијата „Маслинова гранка“, која започна на 20 јануари, со цел ослободување на Африн од терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, а една од целите на операцијата е овозможување на цивилите да се вратат во соседниот Тел Рифат.
Терористите на ПЈД/ПКК, пред почетокот на операцијата „Маслинова гранка“, под окупација држеа четвртина од територијата на Сирија и 65 отсто од сириско-турската граница.
Терористите вршеа притисок врз цивилите во Aфрин, Тел Рифат и во другите окупирани подрачја, со цел насилно да ги однесат луѓето на боиштата или во притвор.
Сличен пограничен поход од терористите на ПЈД/ПКК, доживеаја и цивилите во регионите на источниот брег на Еуфрат.
Во јули 2015 година, терористичката организација го окупира Тел Абјад, кој се наоѓа помеѓу Хасека и Кобани, а во тоа воздушна поддршка им обезбеди американската војска.
Координаторот на Врховниот совет на сириските етнички групи и племиња, Хамад ал-Асад, изјави дека терористите на ПЈД/ПКК, уште во 2012 година тргнале во вооружен марш, во прогон на арапското, курдското, туркменското и асирското население во северниот дел на Сирија.
Истакнувајќи дека Советот ги следи состојбите во сите населени места во северниот дел на Сирија, Асад изјави дека терористите на ПЈД/ПКК, од тој регион, со исклучок на Aфрин и периферијата, протерале вкупно 1.955.000 цивили.
Според податоците на Советот, терористите од Мунбич протерале 250.000 Арапи, од Камишли 150.000, од Кобани 40.000, од Амуд 25.000, од Дирбесије 20.000 Курди, Aрапи и Асирци, потоа од Шедад, 120.000, од Ал Хор 30.000, од Сулук и Тел Абјад, 180.000 Aрапи. Од Тел Хамис и соседните места протерани се 150.000 Aрапи, Kурди и Aсирци, а од Рака и Танк, 350.000 Арапи и 30.000 Tуркмени.