İslam Uddin
02 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Февруари 2020
ИСЛАМАБАД (АА) - Турција, Пакистан, Малезија и Русија изразија сочувство до Кина за загубата на животите поради смртоносниот коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека министрите за надворешни работи на Турција, Пакистан, Малезија и Русија телефонски разговарале со својот кинески колега и изразиле сочувство за смртта на над 300 лица од епидемијата на новиот тип коронавирус.
„Државниот советник и министер за надворешни работи, Ванг Ји, оствари телефонски разговор со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу. Чавушоглу изрази сочувство поради бројот на починати од епидемијата на коронавирусот и упати сочувство до нивните семејства“, соопшти преку Твитер Лиџиан Зао, заменик-генерален директор во Кинеското Министерство за надворешни работи.
Турски дипломатски извори потврдија дека вчера во телефонски разговор Чавушоглу до Ванг изразил сочувство на земјата.
Лиџиан истакна дека и пакистанскиот министер за надворешни работи, шах Махмуд Куреши, разговарал со Ванг и ги пренел пораките од премиерот Имран Кан до кинескиот премиер Ли Кечианг. Куреши ја изрази силната поддршка на Пакистан кон напорите на Кина за ставање на епидемијата под контрола.
Малезискиот министер за надворешни работи, Сеифудин Абдула, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, исто така разговарале со кинескиот министер за надворешни работи и изразиле сочувство до Кина.
„Русија ги почитува ефикасните мерки што ги презема Кина за борба против епидемијата, со надеж дека заканата од епидемијата наскоро ќе биде елиминирана“, истакнал Лавров за време на разговорот со Ванг.
Од коронавирусот во Кина досега починаа 304 лица, со речиси 14.380 заразени. Над 137.600 лица се под медицински надзор.
Според соопштението на Светската здравствена организација (СЗО), денеска е потврден првиот смртен случај надвор од Кина. Станува збор за 44-годишен маж кој вчера почина од коронавирусот на Филипините.
Починатиот маж е Кинез од градот Вухан, каде што вирусот се појави за првпат.
Освен во Кина, вирусот се рашири и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Виетнам и Канада, а на Филипините има една жртва од вирусот.
Патниците од Кина се прегледуваат за вирусот на аеродромите низ светот. Неколку авиокомпании ги прекинаа летовите до Вухан.