Alııa Raımbekova
02 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Февруари 2020
НУРСУЛТАН (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, од Нурсултан ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Кина со цел ставање крај на репресијата на тамошните власти врз Ујгурите и Казахстанците, јавува Агенција Анадолија (AA).
Помпео престојува во официјална посета на Казахстан, а во главниот град Нурсултан се состана со својот колега Мухтар Тлеуберди.
На заедничката прес-конференција Помпео ги поздрави реформите кои ги спроведува казахстанскиот претседател Касим-Џомарт Токајев, кои се однесуваат на економскиот развој, јакнењето на демократијата и зголемувањето на довербата на јавноста во Владата.
Една од темите во текот на средбата беше враќањето на борците и нивните семејства од странските боишта од Сирија и Ирак, а Помпео истакна дека Казахстан е една од земјите која може да биде пример за другите во овој процес.
Помпео исто така истакна дека со казахстанскиот колега разговарал и за судбината на над милион припадници на туркиската етничка заедница на Ујгурите и етничките Казахстанци кои се во кинеските концентрациони логори.
„Соединетите Американски Држави (САД) ги повикуваат сите земји да ни се придружат во притисокот за итен прекин на репресијата. Едноставно бараме од нив да обезбедат сигурно засолниште и азил на оние кои сакаат да избегаат од Кина“, рече Помпео.
Автономната Покраина Ксинџијанг е најголемата кинеска покраина во која доминантно живее муслиманска популација, која ја сочинуваат припадници на туркиската етничка заедница Ујгури и етнички Казахстанци.
Кинеските организации за заштита на човековите права веќе одреден период се обидуваат на меѓународната заедница да ѝ укажат на проблемот на ујгурската заедница во Ксинџијанг, каде што милиони луѓе се затворени во логори за преобразба и доедукација.
И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch (HRW)), во неодамнешниот извештај наведе дека многу луѓе во последните две години во Ксинџијанг завршиле во притвор во таканаречените центри за политичка едукација, а станува збор за лица кои властите ги оцениле за опасни и против нив наредиле таканаречено превентивно полициско дејствување.
Европската Унија изрази загриженост поради постоењето на овие центри за политичка едукација и тоа јасно им го пренесе на кинеските власти на состанокот на Дијалогот за човекови права.
Официјален Пекинг го негира постоењето на вакви кампови во Ксинџијанг, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврдат дека станува збор за центри кои се користат исклучиво за стручно образование.