Betül Yürük
03 Октомври 2020•Ажурирај: 04 Октомври 2020
ЊУЈОРК (АА) - Седат Онал, заменик-министерот за надворешни работи на Турција, изјави дека Турција во потполност го поддржува проектот за целосното отстранување на нуклеарното оружје, но истакна дека за исполнување на таа цел потребно е активно учество на сите земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Седат Онал говореше на настанот на високо ниво, организиран од Генералното собрание на Обединетите нации, како дел од активностите во рамките на Меѓународниот ден за целосна елиминација на нуклеарното оружје.
Наведувајќи дека елиминацијата на нуклеарното оружје е приоритет по уништувањето во Хирошима и Нагасаки пред 75 години, Онал истакна дека нуклеарното оружје претставува сериозен проблем за меѓународната безбедност, додавајќи дека е потребно враќање кон патот што води кон целосна елиминација на овој вид оружје.
Зборувајќи дека пандемијата на новиот тип коронавирус(Ковид-19) уште еднаш докажала дека меѓународните проблеми можат да се решат само преку меѓународна соработка, Онал истакна: „Мултилатерализмот е најдобрата алатка за изнаоѓање заеднички решенија, а разоружувањето е еден од главните столбови на овој напор.“
„Турција во потполност го поддржува проектот за целосна елиминација на нуклеарното оружје, но јасно ни е дека воопшто не е лесен патот кој води кон свет целосно ослободен од нуклеарно оружје. Потребно е кон оваа цел да напредуваме со применливи чекори, компромис и активно учество на државите што имаат и оние што немаат нуклеарно оружје“, посочи Онал.
Истакнувајќи дека Турција е посветена на Договорот за спречување на ширењето на нуклеарното оружје, Онал рече дека овој договор е основа за глобалното нуклеарно разоружување и за развој на нуклеарната технологија за мирољубиви цели.
Онал додаде дека Турција ги поддржува повиците со кои се бара со законска регулатива да се забранат нуклеарните тестови.