Yıldız Aktaş
15 Февруари 2019•Ажурирај: 16 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - ЈИЛДИЗ АКТАШ -
Меѓупарламентарната група на пријателство на Турција и Пакистан при Големото народно собрание на Република Турција (TBMM) упати писмо на благодарност до пакистанскиот премиер Имран Кан, а по повод одлуката на таа земја турската фондација „Маариф“ да ги преземе училишните установи поврзани со ФЕТО, како и поради прогласувањето на ФЕТО за терористичка организација во Пакистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на споменатата меѓупарламентарна група на пријателство, Али Шахин, во разговор за АА потсети дека ФЕТО на 15 јули 2016 година извршил предавнички напад на Турција, и дека зградата на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM) тој ден била изложена на бомбардирање.
Шахин изјави дека на овој начин сакале да му се заблагодарат на Пакистан за поддршката што ја пружа на Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО, и дека Пакистан секогаш бил голем пријател на Турција во тешките времиња и дека така било и за време на Турската војна за независност.
„Нашите браќа од Пакистан ни пружија поддршка во борбата против ФЕТО и беа со нас. Во Пакистан пред шест месеци се одржани избори и партијата на премиерот Имран Кан победи. Веднаш по изборите, Кан ѝ даде потполна поддршка на Турција во борбата против ФЕТО, и на тој план направи конкретни чекори во својата земја. Сите образовни установи поврзани со ФЕТО во таа земја ги презеде „Маариф“. Освен тоа, Пакистан го прогласи ФЕТО за терористичка организација. Во таа смисла, сакавме да се заблагодариме на Пакистан. Се надеваме дека ова ќе биде пример и насока за другите земји“, порача Шахин.
Турската фондација „Маариф“ на почетокот на оваа година презеде три училишни установи во пристанишниот пакистански град Карачи, кои беа поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Членот на Управата на фондацијата „Маариф“ и службеник на Владата на јужната пакистанска покраина Синд, Махмуд Оздил, потпиша документ со кој „Маариф“ официјално ги презеде училиштата.
Фондацијата „Маариф“ неодамна на сличен начин презеде и училишта кои биле поврзани со ФЕТО во Исламабад и Лахор.
Врховниот суд на Пакистан кон крајот на минатата година ѝ нареди на Владата да го прогласи ФЕТО за терористичката организација и да му ги забрани сите активности во таа земја.
Терористичката организација ФЕТО/Паралелна државна структура (ФЕТО/ПДЈ) во седумдесеттите години од минатиот век започна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, за да ги зајакне значително своите паралелни пирамиди во рамките на тие институции во осумдесеттите години, и на 15 јули 2016 година да го изведе неуспешниот обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција.
Во текот на обидот за воен удар во Турција убиени се 251 лице, а ранети околу 2.200 лица. Турските надлежни институции започнаа опсежна борба против таа терористичка организација, на чие чело е Фетула Ѓулен.