Şerife Çetin
04 Јули 2019•Ажурирај: 06 Јули 2019
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, истакна дека остварил дијалог со претставниците на Европскиот парламент со цел да се дојде до заедничка одлука, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на Генералното собрание на Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур, Туск истакна дека не треба да има тензии помеѓу ЕП и Европскиот совет и дека двете институции ја претставуваат европската демократија.
„За развој на Европа, и двете институции треба да дејствуваат заеднички“, рече Туск, и додаде: „За именувањата на новите претседатели имав близок дијалог со претставниците на Европскиот парламент. Блискиот дијалог го водев и поради почитта кон институцијата и за да дојдеме до заедничка одлука.“
- „Источна Европа може да биде претставена подобро“ -
Туск, нагласувајќи дека Европскиот совет за првпат номинираше две жени за високи позиции, рече: „Се надевам дека оваа одлука позитивно ќе влијае на ставовите на ЕП.“
Истакнувајќи дека Европа може да ги балансира глобалните сили само ако дејствуваат заедно, Туск наведе дека договорот ги вклучува сите земји членки, но од аспект на географската разновидност треба да се направи напредок за земјите од Источна Европа да бидат претставени подобро.
По неколкудневни разговори, лидерите на ЕУ, како кандидати за претседателските функции ги предложија: за претседателка на Европската комисија - Урсула вон дер Лејен, германската министерка за одбрана; за претседател на Европскиот совет - Шарл Мишел, премиерот на Белгија; за позицијата висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика - Жозеф Борел, шпанскиот министер за надворешни работи; додека Кристин Лагард, директорката на Меѓународниот монетарен фонд, е предложена за челник на Европската централна банка.
Претседателот на Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика треба да бидат изгласани од мнозинството на членовите на ЕП.
Се очекува членовите на ЕП да гласаат на 16 јули.