Ekip
10 Септември 2022•Ажурирај: 12 Септември 2022
ДАКА (АА) - Најмалку 11 лица загинаа, а десетици се повредени од удари на гром во Бангладеш последните два дена, известува Агенција Анадолија (АА).
Од последиците на удар од гром во областа Сираџганџ смртно настрадаа 9 лица, а двајца браќа синоќа загинаа од удар на гром во областа Кулна.
Расте стравот меѓу луѓето во Бангладеш поради честите смртни случаи од удар на гром.
„Се плашиме да излеземе од дома за време на дождливо време и бура“, рече за Агенција Анадолија Рашедул Ислам, локален жител на областа Мирпур кај Дака.
Тој истакна дека луѓето во Бангладеш порано имале обичај да се качат на своите кровови за време на дождливо време за да уживаат во бањање на дожд, но дека тоа денес е речиси незамисливо.
Повеќе од 3.000 лица ги загубија животите од гром во Бангладеш од 2011 година досега, објави Министерството за управување со катастрофи на Бангладеш.
Извештаите покажуваат дека речиси 70% од смртните случаи се забележани во периодот од април до јуни и дека тоа е најверојатно една од катастрофалните последици на климатските промени.
Еколозите тврдат дека масовното садење дрвја во Бангладеш може да биде многу ефикасно во заштитата од удар на гром, заедно со други превентивни мерки.