Burak Bir,Ahmet Gençtürk
10 Октомври 2022•Ажурирај: 11 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Бројот на загинати во најновите руски напади низ Украина се искачи на 11, додека десетици се ранети, соопштија украинските власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Околу 64 лица се повредени за време на руското ракетирање, соопшти Државната служба за вонредни состојби на Украина.
„Ако зборуваме за цела Украина, тогаш, освен во Киев, напади се регистрирани и во 14 други региони низ државата“, изјави Маријана Рева, портпаролка на Националната полиција на Украина.
Во видеопорака објавена на Телеграм, украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека енергетските капацитети на Украина и населението биле двете главни цели на Русија.
Тој го повтори својот повик до жителите да останат во засолништата.
Украинскиот премиер Денис Шмихал истакна дека во најновите руски напади оштетени се вкупно 11 клучни инфраструктурни локации во осум региони на Украина, објави „Киев индипендент“.
„Главната цел на овие воени злосторници е да влеат паника, да исплашат и да ги остават Украинците без светлина и топлина“, додаде Шмихал.
Повеќе експлозии беа пријавени во украинските градови Одеса, Житомир, Хмелницки, Днипро, Лавов, Тернопил и Киев, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските разузнавачи дека извршиле, како што рече, „терористички напад“ на Керченскиот мост.
Како резултат на нападите во Киев се оштетени и зградата на Филхармонијата, музеите Ханенко и Шевченко, како и паркот Шевченко.
Според јавувањата, во некои делови на Украина има прекини на електричната енергија, а на некои места започнаа прекини во снабдувањето со вода.