Ömer Tuğrul Çam
13 Април 2021•Ажурирај: 13 Април 2021
БРИСЕЛ
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, истакна дека биле неподготвени за време на нелегалното припојување на Крим кон Русија во 2014 година, и рече дека овој пат се претпазливи и побарале од НАТО да обезбеди дополнителна поддршка, вклучително и воена поддршка и санкции кон Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кулеба, го посети седиштето на НАТО во Брисел и се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На прес-конференцијата одржана по средбата, Кулеба се заблагодари на НАТО за поддршката за Украина.
Истакнувајќи дека Русија го зголемила военото натрупување на границата со Украина, во окупираните области и на море, Кулеба рече дека натрупувањето е концентрирано на истокот на Украина, на Крим и во регионот Донбас на исток.
Кулеба нагласи дека Русија исто така ја зголемила антиукраинската пропаганда.
„Врз основа на тоа, Советот НАТО - Украина ќе се состане во согласност со член 15 од договорот НАТО - Украина“, рече тој.
Меѓу другото, Кулеба посочи дека членот 15 предвидува консултации со кризниот советодавен механизам на НАТО и Украина доколку постои директна закана за територијалниот интегритет, политичката независност и безбедноста на Украина.
Според него, Русија дејствувала брзо за време на анексијата на Крим во 2014 година.
„Русија повеќе не може да нè фати неподготвени. Украина и нејзините пријатели ќе бидат претпазливи. Доколку Русија започне нова спирала на насилство, тоа од секој аспект ќе си има цена. Украина не сака војна. Не планираме да ескалираат нападите или тензијата. Украина сака да испроба дипломатски и политички начини за решавање на проблемот“, додаде тој.
Кулеба истакна дека денес со Столтенберг разговарале за тоа како НАТО може да ја поддржи Украина, и рече: „Секоја изјава за поддршка е важна и ви благодариме за тоа. Сепак, ни треба поддршка и во практика.“
„Украина, НАТО и сојузниците можат да сторат многу за да ја спречат Москва дополнително да ја затегне ситуацијата и да се осигури безбедноста во регионот на Црното Море“, нагласи Кулеба.
Во однос на тоа како НАТО може да ја поддржи Украина, Кулеба истакна:
„Потребни ни се мерки на оперативно ниво за да ја одвратиме Русија и да ги ограничиме нејзините агресивни намери. Ова може да бидат нови санкции што ќе ги зголемат трошоците за агресија на Русија. Исто така може да биде директна поддршка насочена кон зајакнување на одбранбените способности на Украина. Знаеме дека Русија не штеди никаков напор за да спречи трети земји да соработуваат со Украина во областа на одбраната. Русија прави сè за да ги поткопа нашите одбранбени способности.“