Burç Eruygur
10 Април 2023•Ажурирај: 11 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина тврди дека најуспешните операции на руските специјални служби се случуваат во „Фотошоп“, откако се случило наводно протекување на документи на Пентагон во кои се наведени детали за војската на Киев, пренесува Анадолу.
„Бидејќи постојат информации дека Пентагон спроведува истрага, треба да слушнеме од Пентагон во врска со оваа истрага. Многу е важно да се запамети дека во последните децении најуспешните специјални операции на руските специјални служби се случуваат, всушност, во Фотошоп“, рече Андриј Јусов, портпарол на украинското воено разузнавање за време на националниот телетон.
Јусов истакна дека прелиминарната анализа на документите покажува „искривени податоци“ во врска со загубите и од Русија и од Украина, од некои од податоците собрани од отворени извори.
Јусов понатаму нагласи дека за потребите на украинската војска било разговарано на сите нивоа: „Не е тајна дека Украина поставила и продолжува да поставува прашања за авиони, тенкови, муниција и многу други работи што ни се потребни за да ги ослободиме окупираните области побрзо, за да се зачуваат животите на украинската војска и цивилите.“
Тој, исто така, истакна дека луѓето не треба да се грижат за ситуацијата и дека контраофанзивата на Украина на линијата на фронтот со Русија „ќе се случи“.
Тој понатаму рече дека одлуката за контраофанзивата на Украина ќе ја донесе военото раководство на земјата, дека кругот на луѓе информирани за овие планови е максимално лимитиран, и дека информациите кои наводно се протечени може да бидат целосна измислица.
Во претходна изјава, советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, истакна дека наводното протекување било организирано од руските тајни служби.
„Целта на 'протекувањето' на тајните податоци е очигледна: пренасочување на вниманието, наметнување двоумење и заемно сомневање, сеење раздор. Тоа е обична игра на ру-тајните услуги [руските]. Да држите отворени брифинзи, да додавате лажни информации или одредени делови од прислушувања и да ги објавувате на социјалните мрежи легализирајќи го 'протекувањето'“, напиша Подољак на Твитер.
Во петокот, Пентагон соопшти дека ги истражува наводните скриншотови од доверливи документи на САД и НАТО во врска со војната во Украина, што циркулираат на социјалните мрежи, а содржат информации за војската на Киев, вклучувајќи и детали за локациите и големината на баталјоните, вкупните загуби на двете страни и потребите за следните недели.
Документите, кои носат печат на американскиот Здружен штаб и наводно припаѓаат на САД и НАТО, беа споделени на Твитер и Телеграм, за што заменик-портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг, рече дека Министерството за одбрана е свесно за наводите и дека ја разгледува работата.
Синг не прецизира дали документите и нивната содржина се автентични.