Mustafa Deveci
06 Март 2022•Ажурирај: 07 Март 2022
ИРПИН (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ -
Во екот на судирите против руските сили, украинската Војска вложува големи напори за евакуација на мештаните од Ирпин, недалеку од Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ирпин е гратче од стратешко значење во близина на Киев и е средиште на жестоки вооружени судири меѓу украинските и руските сили.
Силни експлозии одекнуваат во гратчето, над него се издигаат густи облаци од чад, а во такви околности во тек е евакуација на цивилите.
Цивилите, меѓу кои и многу деца и постари лица, се обидуваат да ги напуштат своите домови за да побегнат во Киев со неколку работи што ги зеле со себе.
Украинските сили вложуваат интензивни напори да ги евакуираат луѓето.
Иван Каширски, кој пребега во близина на Киев, за АА изјави дека ситуацијата во Ирпин е прилично лоша.
Каширски рече дека бил евакуиран со помош на украинските сили.
„Немаме ниту струја ниту вода. Телефонот не работи со недели. Зедовме некои работи и го поминавме мостот. Во областа каде што се наоѓа нашата куќа нема воена зона, но паѓаат бомби. Вечерва не спиевме. Имаше силни експлозии, стоевме во ходникот, ситуацијата беше многу лоша“, раскажа тој.
Каширски напомена дека неговата мајка и некои негови роднини избегале во Полска, а дека тој ќе остане во Киев неколку дена и ќе одлучи што ќе прави во зависност од ситуацијата.