Burç Eruygur
08 Март 2024•Ажурирај: 09 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека соборила 33 од 37 дронови на Русија над повеќе региони во земјата разурната од војна, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Украинските воздухопловни сили се тврди дека Русија лансирала противвоздушна наведувана ракета С-300, две наведувани ракети Кх-59 и 37 дронови за напад во текот на ноќта во јужна и источна Украина.
Во соопштението понатаму се тврди дека 33 од 37-те дронови лансирани од Русија биле соборени над регионите Кировоград, Одеса, Херсон, Миколаев и Харков во земјата.
Гувернерот на Одеса, Олех Кипер, на Телеграм објави дека еден од нападите погодил и оштетил инфраструктурен објект во регионот, предизвикувајќи пожар. Истакнувајќи дека нема жртви, Кипер не даде дополнителни информации.
Гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, изјави дека седум лица се повредени во градот Чухуив во напад со наведувана ракета С-300.
Тој, исто така, соопшти дека две лица загинале поради гранатирање во градот Купијанск доцна синоќа.
Претходно Синјехубов прогласи задолжителна евакуација од одредени населби во близина на Купјанск.
Руските власти сè уште не се огласија по повод наводите, а независната проверка на тврдењата на Украина е тешка поради тековната војна.