Ethem Emre Özcan
09 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (СНХР) соопшти дека во нападите на режимот на Башар ал Асад и неговиот поддржувач Русија, во регионот Џебел Зевије, на југот од Идлиб, во последните три месеци животот го загубија вкупно 61 цивил, од кои 33 деца и 12 жени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
СНХР, која ги документира прекршувањата на правата врз цивилите, објави извештај за нападите на режимот на Асад и неговиот сојузник Русија врз Џебел Зевије и неговите околни региони, на југот од Идлиб, со што се прекршува Договорот за прекин на огнот постигнат на 5 март 2020 година.
Во извештајот се нагласува дека во подрачјето на Џебел Зевије, кој се состои од приближно 35 села и области, цел на нападите се цивилни населби.
Се наведува дека во бомбардираните области нема воени центри или складишта за оружје кои припаѓаат на воената опозиција или антирежимски вооружени групи.
Во извештајот на мрежата, исто така се наведува дека режимот и Русија не упатиле никакво предупредување до луѓето од регионот пред да ги нападнат цивилните населби.
Меѓу другото, се додава дека има зголемување на цивилните жртви поради неодамнешното зголемување во нападите.
Во извештајот, во кој се содржани информациите дека режимот и Русија започнаа интензивни напади врз Џебел Зевије, јужно од Идлиб, од 5 јуни, се наведува дека во бомбардирањата на Русија и режимските сили од 5 јуни до 1 септември животот го загубија вкупно 61 цивил, од кои 33 деца и 12 жени.
Според ова, во тој период, 33 цивили, меѓу кои 20 деца и 5 жени, ги загубија животите во воздушните напади извршени од Русија, додека режимските сили со бомбардирањата масакрираа вкупно 28 цивили, од кои 13 деца и 7 жени.
Според извештајот на мрежата, еден медиумски работник, еден здравствен персонал и еден волонтер за цивилна одбрана биле меѓу цивилите кои го загубија животот во режимско-руските напади.
- Ситуацијата во Идлиб
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за четири деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).
Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили кои избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција и во областите ослободени од операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“, за една година достигна 2 милиони.