Beyza Binnur Dönmez
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја повика Европската Унија (ЕУ) за итно пристапување на Украина кон Блокот.
Зеленски истакна дека Украина заслужува да биде членка на ЕУ, велејќи дека верува дека тоа ќе биде можно.
„Ја повикуваме Европската Унија за итно пристапување на Украина според нова специјална процедура“, рече Зеленски за време на неговото обраќање кон нацијата.
Тој исто така ги повика руските војници кои ја напаѓаат неговата земја да го спуштат оружјето и да ги спасат своите животи.
„Спуштете го оружјето и одете си. Не верувајте во тоа што ви го кажуваат важите команданти и пропагандисти. Само спасете си ги животите“, им порача Зеленски на руските војници.
Претседателот Зеленски додаде дека Украина ќе ги ослободи затворениците со воено искуство за да се борат во жариштата на војната со Русија, и на тој начин да се одолжат за своите криминални дела.
Денеска е петти ден од рускиот напад на Украина откако рускиот претседател Владимир Путин нареди воена интервенција минатиот четврток, по признавањето на двете енклави под контрола на сепаратистите во источна Украина.
Интервенцијата наиде на критики од меѓународната заедница, а ЕУ, Велика Британија и САД воведоа низа економски санкции против Кремљ.
Русија е дополнително изолирана бидејќи на нејзините авиокомпании им е забрането да патуваат во европскиот воздушен простор како и во канадскиот воздушен простор, и голем број нејзини банки се исфрлени од меѓународниот банкарски систем СВИФТ.