Burak Bir
15 Декември 2025•Ажурирај: 16 Декември 2025
ЛОНДОН (AA) – Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денес повторно изрази загриженост поради плановите на Европската Унија (ЕУ) да ги искористи замрзнатите руски средства за финансирање заеми за Украина, предупредувајќи дека таквиот чекор претставува „воена провокација од невидени размери“, јавува Анадолу.
„ЕУ ги игнорира сопствените правила со тоа што планира да го финансира овој пакет преку замрзнатите руски средства“, напиша Сијарто на социјалната мрежа X, сопственост на американска компанија.
Околу 210 милијарди евра руски средства се замрзнати во рамките на ЕУ, а блокот предлага тие да се искористат за поддршка на Украина.
Сијарто предупреди дека ваквиот потег би го зголемил ризикот од ескалација „на ниво невидено во изминатите три години“, додавајќи дека замрзнувањето на руските средства веќе било значаен чекор, но нивното користење „оди чекор понатаму“.
„Затоа, на денешниот Совет за надворешни работи јасно ќе ставам до знаење дека за Унгарија ризикот од понатамошна ескалација е неприфатлив“, рече тој.
„Едноставно затоа што, доколку дојде до војна меѓу Европа и Русија, Европа нема да ја преживее.“
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ денес се состануваат во Брисел, а Европската комисија врши притисок врз државите да постигнат договор за средствата на самитот на Европскиот совет подоцна оваа недела.
Сепак, најголемиот дел од замрзнатите руски средства се чуваат во белгиската банка „Еуроклир“, а Белгија во повеќе наврати изрази загриженост во врска со предложениот план.
Руската централна банка во петокот изјави дека користењето на нејзините средства би било нелегално и дека го задржува правото да преземе какви било мерки потребни за заштита на своите интереси.
Подоцна, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека блокот одлучил „на неодредено време да ги имобилизира“ руските средства што ги поседува во Европа.
„Ова обезбедува до 210 милијарди евра руски средства да останат на територијата на ЕУ, сè додека Русија целосно не ѝ плати репарации на Украина за штетата што ја предизвикала“, напиша таа на американската компанија за социјални медиуми X.