Oktaj Omeragikj
03 Април 2025•Ажурирај: 04 Април 2025
БУДИМПЕШТА (АА) - Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто потврди дека земјата поднела предлог-закон за нејзино повлекување од Меѓународниот кривичен суд (МКС), известува Анадолу.
Унгарскиот министер за надворешни работи изјави дека „не сака да биде дел од политички мотивиран меѓународен правосуден систем“ и дека МКС „се дискредитирал себеси и целиот меѓународен правосуден систем“ со издавањето на налогот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи ја одлуката „отворено антисемитска“.
Золтан Ковач, портпаролот на унгарската Влада, на платформата Х напиша дека Сијарто исто така рекол дека „МКС станала политичка алатка и дека Унгарија нема да биде дел од таков систем“.
Според Ковач, Министерството за надворешни работи и трговија, врз основа на одлуката на унгарската Влада, го подготвила и го доставила законот за повлекување, со очекување собраниската расправа да започне до крајот на април, а гласањето да се спроведе до крајот на мај.
„Потоа ќе биде известена ООН“, напиша тој, истакнувајќи дека според меѓународното право, повлекувањето на Унгарија од Римскиот статут и Меѓународниот кривичен суд ќе стапи на сила една година по известувањето.
Унгарија претходно денеска најави дека ќе ја започне процедурата за повлекување од МКС. Соопштението дојде откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигна во унгарската престолнина Будимпешта и покрај меѓународната потерница за нападот врз Појасот Газа.
МКС издаде налог за приведување на Нетанјаху, обвинувајќи го за воени злосторства против човештвото во Газа.
Нетанјаху пристигна во Унгарија на покана на премиерот Виктор Орбан.
Премиерот Орбан рече дека налогот за приведување на Нетанјаху е безобразно дрзок и циничен чин.
Од земјите членки на МКС се бара да постапат по налогот за приведување доколку осомничените лица влезат на нивна територија.