Bayram Altuğ
20 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Повеќе од 20 милиони деца во Сирија, Ирак и Јемен, имаат потреба од итна хуманитарна помош, изјави портпаролката на УНИЦЕФ за Блискиот Исток, Жилиет Tума, јавува Anadolu Agency (AA).
Tума по повод 20. ноември, Светскиот ден на правата на децата, за АА рече дека во Сирија, каде што за време на петгодишната војна загинаа стотици илјади цивили, шест милиони деца имаат потреба од итна хуманитарна помош.
Според неа, околу 2,5 милиони сириски деца со нивните семејства се бегалци во многу земји меѓу кои и Турција.
Таа предупредува дека хуманитарната криза во Алепо достигна застрашувачки размери.
„Ние сме загрижени за судбината на повеќе од 100.000 деца во источниот дел на Алепо кои чекаат хуманитарна помош. Други пак се заробени помеѓу бомбардирањето, опсадата и судирите“, потсети Tума.
Според податоците на УНИЦЕФ во Ирак, каде што судирите повторно се интензивираа во 2016 година, хуманитарна помош очекуваат 4,7 милиони деца.
Исто така, во Јемен итна хуманитарна помош очекуваат околу десет милиони деца.
„Милиони деца во Јемен, каде што војната трае веќе 18 месеци, живеат меѓу завојуваните страни“, предупреди Tума која смета дека хуманитарната помош не треба да биде условена со ништо.
Кога станува збор за децата-бегалци во Турција, Tума рече дека фокусот е ставен на образованието и здравјето на децата.
Во 2015 година, 41 милион луѓе, од кои 17 милиони деца, поради војните во нивните земји беа принудени да ги напуштат своите домови. Една третина од бегалците доаѓаат од Сирија, Ирак и Јемен.