Терористичките напади во Париз - бариера повеќе на тешкиот бегалски пат
“Пред да се случат нападите во Париз, бегалците многу полесно ги поминуваа границите, сега сме заглавени тука. Еве, тоа е проблемот после нападите” изјавува бегалецот Саид АбдулBesar Ademi, Admir Fazlagikj
21 Ноември 2015•Ажурирај: 22 Ноември 2015
ГевгелијаГЕВГЕЛИЈА (АА) – Откако Владите почнаа да воспоставуваат редица ограничувања на движењето на бегалците и мигрантите од Грција преку Западниот Балкан и понатаму кон север, како што е мерката на селектирање на луѓе врз основа на државјанството, според која, границата можат да ја минуваат само бегалците кои доаѓаат од воените боишта како што се Сирија, Авганистан и Ирак, но не и на економските мигранти кои што доаѓаат од Иран, Пакистан, Мароко, Бангладеж, Либерија, Судан, Алжир, Конго и други земји.
Ваквата ситуација според официјалните ставови на организациите кои работат на справување со бегалската криза станува сè понеиздржано од секој можен аспект – хуманитарен, правен, но исто и безбедносен, посебно земајќи ги предвид сè пониските температури и ризиците за децата и другите лица со специфични потреби.
Поради ваквите околности бегалците и мигрантите оставени се во неизвесна состојба и заглавени на различни гранични премини.
Во прифатниот камп за бегалци во Гевгелија е голема гужва, но и надвор од него. Со денови веќе, одредени групи на бегалци и мигранти, чекаат да бидат регистрирани и да ја поминат границата. Авганистанецот Саид Абдул втор ден е на македонската граница, тој е надвор од бегалциот камп, чека да биде регистриран за да може да отпатува кон Србија.
“Meѓу нас има и мали деца,жени, а нема сместување за сите бегалци” , вели тој кажувајќи дека од полицијата бараат само да ги регистрира.
- Терористичките напади во Париз- проблем повеќе за бегалците
Покрај големиот број проблеми со кои се соочуваат бегалците бегајќи од војната, терористичките напади кои се случија во Париз минатиот петок, за нив претставуваат уште една бариера повеќе која го забавува нивното минување на граници, влијае на нивната безбедност, а велат присутен е и стравот како ќе бидат прифатени во Европа.
“Пред да се случат нападите во Париз, бегалците многу полесно ги поминуваа границите, сега сме заглавени тука. Еве ,тоа е проблемот после нападите” изјавува Саид Абдул, укажувајќи, како што вели на последниците по терористичките напади.
“Јас сум бегалец, се што знам за бегалците е дека се добри луѓе, тие не се терористи”, изјавува бегалецот Саид.
“По нападите во Париз, загрижени сме и исплашени, но ние сакаме побрзо да ги поминуваме границите” , додава тој, изразувајќи надеж дека Европа сепак ќе ги прифати, бидејќи доаѓаат од земји во кои има воени конфликти.
Надвор од прифатниот бегалски камп со членови од своето семејство е и младата сиријката Нивин.
“Два дена сме тука, ситуацијата е многу лоша ладно е не ни даваат ништо, сакаме да ја минеме границата, сеуште не сме во камп, не знам кај ќе одиме лоша е состојбата” , вели Нивин.
И таа се осврнува на терористичките напади во Париз, жалејќи за жртвите, притоа истакнувајќи дека тоа не е дело на луѓето од Сирија.
“Не знам кој ги направил нападите, но тоа не се Сиријци” , изјавува таа.
Иако европските земји ги затвораат границите и изразуваат негодување за доаѓањето на бегалците, Нивин верува дека ќе успее да ги надвладее предрасудите и да се обиде да успее во она што го сака, велејќи дека не се плаши од нивно регистрирање при поминување на граничните премини, ниту пак од ништо, бидејќи не направила ништо лошо.
“Не сум исплашена, не сум направила ништо лошо. Нека не се грижат за нас, безопасни сме. Би сакала Европа да не третира подобро, ние не сме терористи, имаме војна во нашите земји, ние сме луѓе не сме животни” , потенцира сиријката Нивин, која е одлучна во својата намера, да отпатува што подалеку од Сирија, да се запише на студии, надевајќи се на подобар живот во кој војните се минато.