Ikrame Imane Kouachi
04 Април 2025•Ажурирај: 05 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Израел ја користи храната и хуманитарната помош како оружје во војната против Појасот Газа, изјави раководителот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, јавува Анадолу.
Лазарини вчера изрази сериозна загриженост поради влошената хуманитарна состојба во Газа, каде што, како што истакна, Израел продолжува со блокадата и нападите врз цивилното население.
„Гладот и очајот се шират, бидејќи храната и хуманитарната помош се користат како оружје“, рече Лазарини во своето соопштение.
„Веќе повеќе од еден месец трае целосната опсада. Израелските власти и понатаму го спречуваат влезот на основни намирници, лекови и гориво – ова е колективна казна“, додаде тој.
Според Лазарини, во Газа владее „крах на граѓанскиот поредок“ како резултат на продолжената опсада.
Тој истакна дека Палестинците се „исцрпени бидејќи се затворени во мал простор“, повикувајќи на итно овозможување на влезот на хуманитарна помош и укинување на опсадата.
Од 2 март, Израел ги затвори граничните премини на Газа за влез на хуманитарна, медицинска и друга помош, што според локалните и меѓународните извештаи предизвика невидена хуманитарна катастрофа.
Меѓународните организации за човекови права и агенциите на ОН повеќепати предупредија за последиците од израелската блокада, која го турка населението во Газа во екстремен глад и сиромаштија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата најави ново проширување на офанзивата врз Газа, додека, како што беше наведено, се спроведува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за присилно иселување на Палестинците од енклавата.
Од почетокот на израелската воена офанзива во октомври 2023 година, во Газа се убиени повеќе од 50.500 Палестинци, од кои најголем дел се жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Покрај тоа, Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.