Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
08 Април 2022•Ажурирај: 10 Април 2022
АНКАРА (АА) - Двајца претставници на ЕУ и премиерот на Словачка денеска пристигнаа во посета на Украина која е разурната од војна, среде седмата недела од конфликтот.
На Твитер, премиерот на Словачка, Едуард Хегер, сподели фотографија заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, велејќи дека тие во Украина се подготвени да разговараат за нивните предлози за помош на украинскиот претседател Владимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал.
„Да помогнеме да се постигне перспектива на ЕУ преку создавање #ReformTeam. Да понудиме опции за транспорт на житарки, вклучително и пченица за да се зголеми употребата на #HumanitarianHub“, додаде тој.
Исто така на Твитер, Фон дер Лајен, споделувајќи фотографија со Борел и Хегер, рече дека „со нетрпение очекува да го посети Киев“, главниот град на земјата.
Посетите на Фон дер Лајен и Борел се посети на највисоко ниво на Украина од западните претставници од почетокот на војната на 24 февруари.
И Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, го посети Киев минатата недела.
„Австрискиот канцелар Карл Нехамер, исто така треба да ја посети Украина во наредните денови за да се сретне со украинскиот претседател“, се вели во соопштението на неговиот Кабинет.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 1.611 цивили се убиени во Украина и 2.227 се повредени, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,3 милиони Украинци побегнале во други земји, а уште милиони се внатрешно раселени.