Oliver Towfigh Nia
26 Февруари 2026•Ажурирај: 27 Февруари 2026
БЕРЛИН (АА) – Стотици филмски работници, меѓу кои и познатиот режисер Том Тиквер, актерката Тилда Свинтон и поранешниот претседател на жирито и режисер Тод Хејнс, потпишаа отворено писмо за поддршка на сегашната директорка на Берлинскиот филмски фестивал, Триција Татл, чиешто можно разрешување предизвика контроверзии поради фотографијата на која таа позира со палестинско знаме, објавија германските медиуми денес, јавува Анадолу.
„Како филмски работници во Германија и пошироко, со длабока загриженост ја следиме тековната дебата околу Берлиналето и предлогот за разрешување на Триција Татл. Ние застануваме во одбрана на Берлинскиот фестивал за она што тој фундаментално претставува: место на размена“, се наведува во писмото цитирано од германскиот дневен весник „Тагесшпигел“.
„Фотографијата на раководството на фестивалот со филмски работници, на која се гледа палестинско знаме, исто така беше предмет на критики. Фотографирањето со меѓународни гости е дел од практиката на еден фестивал. Видливоста на различни идентитети не претставува поддршка, туку израз на отворена и демократска јавна сфера“, додадоа филмските работници.
Петицијата доаѓа пред планираната вонредна седница на Управниот одбор на Берлинскиот филмски фестивал, свикана од германскиот министер за култура Волфрам Вајмер, на која треба да се разгледа „иднината на фестивалот“. Се верува дека седницата е свикана поради критиките на политичките изјави на фестивалот.
„Ако се свика вонредна седница за одлука за иднината на раководството на фестивалот, станува збор за повеќе од една позиција. Станува збор за односот помеѓу уметничката слобода и институционалната независност“, се наведува во писмото. Потписниците ветуваат „да застанат за култура на размена, а не за заплашување“.
На 18 февруари, неколку десетици актери и режисери, меѓу кои Свинтон и Хавиер Бардем, го обвинија Берлинскиот интернационален филмски фестивал за „антипалестински расизам“ и повикаа организаторите јасно да се изјаснат против геноцидот на Израел во Газа.
Во отворено писмо објавено во „Варајити“, 81 филмски работник го критикуваа, како што рекоа, „вклучувањето на Берлиналето во цензурирање на уметниците кои се спротивставуваат на тековниот геноцид на Израел против Палестинците во Газа“.
Потписниците исто така реагираа на изјавите на претседателот на жирито оваа година, режисерот Вим Вендерс, кој на неодамнешен брифинг изјави: „Треба да се држиме подалеку од политиката“, кога беше прашан за Газа.