Alaattin Doğru
08 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
ПАРИЗ (АА) - Околу 670 бездомници, претежно мигранти, беа евакуирани во текот на викендот од Париз, додека 11 се однесени во центри за притвор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на „Collectif Requisitions“, организација која собира неколку здруженија кои им помагаат на мигрантите, 1.204 луѓе кои поставиле шатори во паркот во Ил де Франс се евакуирани во саботата, откако таму останаа три ноќи.
„Додека речиси 540 луѓе се сместени во Ил де Франс, 670 се „присилно раселени“ надвор од регионот, особено во Безансон, Дижон, Рен, Стразбур, Саребур, Руен, Лил и Мец“, се наведува во соопштението на организацијата, која се повикува на сведочења.
Во соопштението се нагласува дека ниту бездомниците ниту здруженијата не биле однапред известени и се додава дека тие се однесени далеку од нивните домови, работни места и училиштата.
„Државата лажеше за одредиштето на лицата што се превезуваат и требаше претходно да побара нивна согласност“, се додава во соопштението.
Од оние кои немаат документи, побарано е да ја напуштат Франција, а најмалку 11 лица се однесени во центри за притвор.