Alaattin Doğru
15 Април 2021•Ажурирај: 16 Април 2021
ПАРИЗ
Предлог-законот за безбедност во Франција, кој беше критикуван со образложение дека ќе го зголеми полициското насилство и дека содржи членови против човековите права, беше изгласан од Парламентот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Предлог-законот за „општа безбедност“ денеска беше ставен на гласање во Националното собрание откако беше прифатен во Сенатот на 7 април.
Предлог-законот беше донесен со 75 гласа „за“, наспроти 33 гласа „против“.
Се наведува дека Предлог-законот за општа безбедност ќе биде разгледан од Уставниот совет пред да стапи во сила.
- Критика дека ќе предизвика полициско насилство и ќе ги ограничи слободите
Предлог-законот за општа безбедност, што предизвика протести низ цела Франција, беше усвоен од Сенатот во првата недела од април со 241 глас „за“, наспроти 98 гласа „против“.
Членот 22 од законот вклучува употреба на беспилотни летала од страна на полицијата и жандармеријата за следење на демонстрациите. Исто така, проширени се овластувањата на полицијата за користење снимки направени на јавни места.
Меѓу другото, членот исто така дозволува емитување видеа од демонстрации, снимени од хеликоптери или од беспилотни летала.
Одлучено е да се преуреди 24. член од Предлог-законот, кој предвидува оние што ќе ги објават снимките на безбедносните сили да бидат осудени на една година затвор и парична казна до 45 илјади евра.
Општиот закон за безбедност предизвика протести во земјата со образложение дека ќе предизвика полициско насилство и ограничување на слободите.