Murat Ünlü
29 Ноември 2016•Ажурирај: 29 Ноември 2016
ПАРИЗ (АА) - Шефот на француската дипломатија Жан-Марк Еро побара вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), на којашто ќе се разговара за ситуацијата во сирискиот град Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сега, повеќе од кога било претходно потребно е да се најде начин за ставање крај на судирите и отворање коридор за хуманитарна помош во Алепо“, истакна Еро во писменото соопштение.
Еро исто така соопшти дека утре во Париз ќе се сретне со шефот на собранието на локалните власти во Алепо, Брет Хаџи Хасан.
Во нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и проиранската шиитска милициија во источниот дел на Алепо во изминатите 13 дена загинаа најмалку 613 цивили.
Силите на Асад во последните неколку дена им нанесоа големи загуби на силите на сириската опозиција, а моментално над 300.000 цивили се наоѓаат на само 30 километри квадратни простор источно од Алепо, под контрола на сириската опозиција.
Локалната цивилна заштита од Алепо упати апел до сите хуманитарни организации да помогнат во запирање на нападите на сириската армија и воздушните напади на руските сили.
Источните делови на Алепо се наоѓаат под апсолутна опсада од страна на силите на Асад, а во регионот веќе нема ниту една активна болница со оглед дека сите се уништени во артилериските и воздушни напади.
Претходно, францускиот министер за надворешни работи Еро, најави дека на почетокот од декември, во Париз ќе се организира меѓународна средба за Сирија на којашто ќе учествуваат претставници на земји кои ја поддржуваат сириската опозиција, меѓу кои и Франција, САД, Турција, Германија, Италија, Велика Британија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Јордан.