Ekipa
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот претседател Рувен Ривлин се спротивстави на предлог-законот кој предвидува во одредени делови на Израел да се забрани употребата на звучници во џамиите при повикот за молитва (езан), јавува Anadolu Agency (AA).
Израелското радио соопшти дека Ривлин во западен Ерусалим се сретнал со претставници на исламската заедница, каде што рекол дека се противи на предлог-законот за забрана на пуштање на езанот преку звучник.
Наводно, Ривлин ветил дека ќе биде отворен дијалог со цел овој предлог-закон да не биде предаден на надлежните власти на гласање.
„Израел е држава што ги почитува верските слободи“, нагласи тој.
Пратениците во Кнесетот (израелскиот Парламент) треба да го изгласаат нацрт-законот трипати со цел да биде усвоен. За спорниот предлог-закон е расправано во неколку наврати, но не е предаден на гласање во Парламентот.
Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека го поддржува предлог-законот за забрана на езанот.