Betül Yürük
19 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
Франција до Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ќе достави Предлог-резолуција за прекин на огнот меѓу Израел и Палестина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Советот за безбедност на ОН се состана по четврти пат на затворена седница на која се разговараше за напнатоста меѓу Израел и Палестина и воздушните напади врз Газа.
Според информациите на дописникот на АА добиени од дипломатски извори по состанокот, Франција заедно со Тунис ќе поднесе Предлог-резолуција со која се бара „прекин на огнот и пристап до хуманитарна помош“ до Советот за безбедност на ОН.
Кинескиот постојан претставник на ОН, Џанг Ѓун, претседавачот на Советот во месец мај, во изјавата за медиумите пред состанокот рече: „Конфликтите и насилството мора да завршат, цивилите мора да бидат заштитени.“
Советот за безбедност на ОН се состана трипати претходно за да разговара за кризата Израел-Палестина, но досега не е преземено никакво дејство поради произраелскиот став на САД, кои имаат право на вето во Советот.
Според ОН, повеќе од 58.000 Палестинци биле раселени поради израелските воздушни напади врз Газа.
Во нападите на Израел извршени врз Појасот Газа, од 10 мај, животот го загубија 217 лица, од кои 63 деца и 36 жени, а 1.500 лица се повредени.