Ahmed Asmar
30 Ноември 2024•Ажурирај: 02 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Палестинската група Хамас денес рече дека Палестинците во Појасот Газа се соочуваат со смрт од глад поради израелската геноцидна војна врз Газа која почна во октомври 2023 година, пренесува Анадолу.
„Над 2 милиони Палестинци во Газа се соочуваат со ризик од смрт од глад и жед поради одбивањето на израелската окупација за пропуштање на помошта и ограничувањата за пристапот до лекови, храна и вода“, се вели во соопштението на Хамас.
Групата предупреди дека децата во Газа умираат од глад, а семејствата се на работ на гладта поради недостиг на основните работи за опстанок.
Според претходното соопштение на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), во Газа дневно влегуваат најмногу 30 камиони со хуманитарна помош, што е далеку од доволно за задоволување на основните потреби на жителите на енклавата. Пред октомври 2023 година, стотици камиони ја минуваа границата секој ден за да достават храна за над 2 милиони луѓе во енклавата.
Од почетокот на израелската војна во Газа во октомври 2023 година, голем број меѓународни и организации на ОН го повикаа Израел да го олесни влегувањето на хуманитарната помош во Газа за да се избегне глад.
Израелската офанзива врз Појасот Газа започна по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Во офанзивата досега се убиени повеќе од 44.000 луѓе, а енклавата е претворена во место непогодно за живеење.
Минатата недела, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради постапките во Газа.