Ekipa
11 Април 2022•Ажурирај: 12 Април 2022
ЛИБИЈА (АА) - Силите лојални на либискиот воен лидер Калифа Хафтар ги негираа наводите за затворање на нафтените полиња и пристаништата во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, воениот портпарол Ахмед ал-Мисмари рече дека извештаите за затворањето на нафтените полиња и пристаништа во Либија по наредба на Владата на Фатхи Башага, поддржана од Хафтар, се неосновани.
Веста ја проширија либиските активисти на социјалните мрежи во саботата откако претставниците на Хафтар го прекинаа своето учество во заедничкиот воен комитет 5+5, кој вклучува пет членови од Владата на националното единство со седиште во Триполи и петмина од силите на Хафтар.
Активистите рекоа дека Хафтар наредил да се прекине либискиот извоз на нафта и да се затвори крајбрежниот пат што го поврзува истокот и западот на Либија поради спорот со Владата на премиерот Абдул Хамид Дбејбе со седиште во Триполи.
Неколку меѓународни актери вклучени во либиската криза, вклучително и мисијата на Обединетите нации (ОН) и Европската Унија (ЕУ), предупредија да не се искористува либискиот извоз на нафта од која било либиска партија.
Ситуацијата во Либија ескалираше минатиот месец откако Парламентот ѝ даде доверба на новата влада предводена од Башага, додека Дбејбе инсистира да остане на својата функција.