Betül Yürük
14 Јуни 2018•Ажурирај: 14 Јуни 2018
ЊУЈОРК (АА) - Ники Хејли, амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите нации (ОН), по повод усвојувањето на нацрт-резолуцијата на ОН за заштита на палестинските цивили, изјави дека станува збор за сосема еднострана резолуција, јавува Anadolu Agency (AA).
Хејли по синоќешното гласање во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), кога беше усвоена нацрт-резолуцијата за заштита на народот на Палестина, порача дека во предлог-резолуцијата не се споменува движењето Хамас.
Таа истакна дека ваквите резолуции нема да придонесат за помирување во регионот.
„Моите пријатели од Турција и самите знаат дека со усвојувањето на оваа резолуција нема ништо да се промени“, рече Хејли, истакнувајќи дека Генералното собрание на ОН одржа вонредна седница на иницијатива на Турција, со поддршка на Алжир.
Потсетуваме, во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) синоќа беше усвоена нацрт-резолуција за заштита на народот на Палестина.
На вонредниот состанок се разговараше за нацрт-резолуцијата за заштита на Палестинците, која претходно во Советот за безбедност на ОН ја блокираа Соединетите Американски Држави (САД).
Резолуцијата е усвоена со 120 гласови за. Против беа осум земји, а 45 земји беа воздржани.
Во нацрт-резолуцијата, меѓу другото, од генералниот секретар на ОН се бара во рок од 60 дена да ги направи потребните чекори за заштита на цивилите во окупираната палестинска територија, да обезбеди безбедност и просперитет и да се направи извештај во врска со механизмите за заштита на цивилите.