Sena Güler
14 Јуни 2018•Ажурирај: 14 Јуни 2018
ЊУЈОРК (АА) - Израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, по повод усвојувањето на нацрт-резолуцијата на ОН за заштита на палестинските цивили, порача дека споменатата резолуција „на Израел му го одзема правото на самодбрана“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа мерка претставува обид да ни се одземе темелното право на самоодбрана“, нагласи Данон во обраќањето во Генералното собрание на ОН.
Тој напомена дека поддршката на ваквата нацрт-резолуција му дава додатна сила на палестинското движење Хамас.
Потсетуваме, во Генералното собрание на ОН вчера беше усвоена нацрт-резолуцијата која повикува на заштита на народот на Палестина.
На вонредната седница беше разгледана нацрт-резолуцијата која повикува на заштита на Палестинците, која претходно во Советот за безбедност на ОН ја блокираа САД.
Резолуцијата е усвоена со 120 гласови за. Против беа осум земји, а 45 држави беа воздржани.
Со оваа резолуција се бара од генералниот секретар на ОН во најкраток можен рок да ја истражи постоечката ситуација, и во рок од 60 дена по усвојување на резолуцијата за која станува збор да поднесе писмен извештај за тоа што треба да се направи за заштитата, безбедноста и благосостојбата на палестинските цивили кои се наоѓаат под окупација на Израел, како и околу предлозите за меѓународните механизми за заштита.