Zuhal Demirci
23 Декември 2020•Ажурирај: 24 Декември 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакнувајќи дека е задоволен од тоа што и покрај епидемијата на Ковид-19 обемот на трговијата меѓу Турција и Бангладеш не е намален, рече: „Затоа веруваме дека целта од 2 милијарди долари трговски обем ќе ја постигнеме во блиска иднина“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу говореше на заедничката прес-конференција одржана по состанокот со министерот за надворешни работи на Бангладеш, Абул Калам Абдул Момен, во Дака, главниот град на Бангладеш.
Чавушоглу истакна дека Бангладеш е растечката ѕвезда на Јужна Азија и дека е модел земја за одржливиот развој.
Истакнувајќи дека постојат можности за инвестирање и трговија со Бангладеш во широк спектар области, од областа на здравството до одбранбената индустрија, Чавушоглу рече дека тие прашања биле разгледани на состаноците со премиерот на Бангладеш, Шејх Хасина, и со неговиот колега Момен.
Потсетувајќи дека обемот на трговијата меѓу двете земји годинава е околу 1 милијарда долари, Чавушоглу рече дека за време на посетата на неговиот колега, Момен, на Турција, разговарале за тоа обемот на трговијата меѓу двете земји да биде зголемен на 2 милијарди американски долари.
„И покрај епидемијата (Ковид-19), среќен сум што нашиот обем на трговија не е намален. Затоа веруваме дека целта од 2 милијарди долари трговски обем ќе ја постигнеме во блиска иднина“, нагласи Чавушоглу.
Министерот Чавушоглу во врска со прашањето за араканските муслимани рече:
„Уште еднаш сакам да му се заблагодарам на Бангладеш за поддршката што ја даде за народот на Аракан. Знаеме дека тоа е преголем товар и дека тој товар треба да биде споделен од меѓународната заедница. Ние како Турција од почетокот ги поддржуваме овие ранливи луѓе и Бангладеш, и ќе продолжиме да ги поддржуваме и во иднина. Овие луѓе треба да можат да се вратат во своите домови, и ова е една од областите каде што ќе продолжиме да правиме напори на сите нивоа. Треба да продолжиме да работиме со Мјанмар за безбедно, доброволно и чесно враќање.“
Наведувајќи дека Турција од сите други земји најдобро ја разбира ситуацијата на Араканците и товарот на Бангладеш, Чавушоглу рече: „Затоа што ние сме најголемите домаќини на бегалци во светот. Домаќини сме на 4 милиони бегалци, од нив 3,6 милиони се сириски бегалци.“
Чавушоглу, нагласувајќи дека во Турција има скоро 1 милион бегалци на училишна возраст, рече дека 80 проценти од нив одат на училиште и дека Турција инвестирала во тоа да се обезбеди настава за тие деца.
Министерот Чавушоглу, исто така, додаде:
„Ние предложивме да изградиме соодветен камп за бегалците во Бангладеш. Ова е прашањето за кое разговаравме пред малку. Ако се обезбеди земјиште, може да изградиме камп за да се подобрат условите за живот на овие ранливи луѓе, каде што ќе има и училишта, болници, џамии или месџиди.“