Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
АНКАРА
Во услови на немири во Казахстан, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, со своите колеги, рускиот и азербејџанскиот, разговараше за случувањата во централноазиската земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„И покрај тековните протести во Казахстан, кои беа предизвикани од неодамнешниот пораст на цените на горивото, Чавушоглу со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, разговараше за билатералните односи и претстојниот состанок на Советот НАТО - Русија“, велат дипломатски извори.
Двајцата министри за надворешни работи исто така се осврнаа на неодамнешните случувања во Босна и Херцеговина и Кавказ.
Чавушоглу одвоено разговараше и со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов со кого дискутираше за случувањата во Казахстан.
- Ситуацијата во Казахстан
Министерството за внатрешни работи на Казахстан вчера соопшти дека повеќе од 200 лица се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир за време на демонстрациите што избувнаа низ земјата во вторникот.
Во соопштението се наведува и дека на протестите биле оштетени 37 полициски возила, повредени се 95 полицајци, а еден автомобил бил запален.
Полицијата и понатаму е распоредена на улиците на Алмати, најголемиот казахстански град, каде што се одржаа масовните демонстрации.
Сметајќи ја Владата одговорна за протестите организирани против неодамнешното зголемување на цените на ТНГ, Токаев во средата ја одобри оставката на премиерот Аскар Мамин и неговите министри.
Како што протестите се ширеа низ целата земја претходно истиот ден, Токаев прогласи вонредна состојба во градот Алмати и во регионот Мангистау, богат со нафта на запад, за периодот меѓу 5 и 19 јануари, за да ја одржи јавната безбедност.
Полицијата употреби шок-бомби и солзавец за да ги разбрка демонстрантите, на што тие одговорија со камења. Пријавени се и судири меѓу полицијата и демонстрантите, како и вандализирање и палење на полициски автомобили од страна на демонстрантите.
Владата, исто така, го ограничи пристапот до апликациите на социјалните медиуми, вклучително и Фејсбук и Телеграм.
Протестите избија на 2 јануари кога возачите одржаа протести против зголемувањето на цените на течниот нафтен гас во градот Жанаозен во Мангистау, кои подоцна се проширија во градот Актау.
Протестите за поддршка во западните градови Атирау, Актобе и Орал, каде што се наоѓаат резервите на нафта и природен гас во земјата, се проширија и во другите делови на Казахстан, при што се претворија во јавни демонстрации.