Ogün Duru
25 Февруари 2021•Ажурирај: 26 Февруари 2021
БУДИМПЕШТА/АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција остро го осудува обидот за државен удар во Ерменија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во рамки на посетата на Унгарија одржа заедничка прес-конференција со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.
Запрашан за настаните во Ерменија откако ерменската Армија го повика премиерот на земјата, Никола Пашинјан, да даде оставка, Чавушоглу рече: „Каде било и да е во светот, ние апсолутно сме против државен удар или обиди за државен удар. Затоа, остро го осудуваме обидот за државен удар во Ерменија.“
Турскиот министер нагласи дека во демократијата, нормално е граѓаните да упатуваат критики кон власта или повици за оставка.
„Но, не е прифатливо војниците да упатуваат апел за оставка, ниту пак да извршат државен удар врз една влада која на власт дошла со избори. Затоа, уште еднаш остро го осудуваме овој апел во Ерменија“, додаде тој.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека постојат важни можности за стабилноста на регионот, и дека тоа треба добро да се искористи.
„Ваквите обиди за државен удар се деструктивни чекори кон стабилноста на земјите. Затоа сме против тоа. Немавме ниту еден контакт, од медиумите ја следиме состојбата. Се обидуваме да добиеме подетални информации, но овој став на Турција е принципиелен став. Ние сме против државен удар, каде било и да се случи тоа“, нагласи Мевлут Чавушоглу.