Murat Ünlü
12 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
МЕЦ (АА) - Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција соодветно ќе одговори и ќе презема чекори сè додека Холандија не се извини за вчерашниот дипломатски скандал, јавува Anadolu Agency (AA).
Непосредно пред обраќањето на турските граѓани кои живеат во Франција, кои се собраа на собирот во Мец, турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу за новинарите изјави дека синоќешниот скандал што го предизвика холандската влада нема да може да остане само на извинување, туку дека Турција ќе одговори со соодветни мерки, а веќе е испратена порака од Анкара до холандскиот амбасадор, кој се наоѓа на претходно одобрено патување надвор од Турција, да не се враќа на работа, бидејќи нема да може да влезе во Турција.
„Сигурно ќе повлечеме потег, ќе повлечеме повеќе потези. Подоцна, Холандија ќе ѝ се извини на Турција. Сè додека Холандија не се извини, ние ќе продолжиме со соодветни потези. Потегот на холандските власти е неприфатлив. Јас на мојот холандски колега му реков дека можам да дојдам и по изборите (кои во Холандија се закажани за 15. март), ако тоа е проблем, а тој ми рече дека не може да гарантира ништо. Потоа, премиерот Марк Руте излезе и арогантно рече дека не може да дојдам ниту пред, ниту по изборите. Тој рече дека доколку дојдам можам да ги гледам лалињата и музеите, но дека не можам да ги видам Турците. Може ли од оваа да има пофашизоидна порака, која ги крши сите права и слободи?“, порача Чавушоглу.
Потсетувајќи дека холандската полиција го блокираше турскиот Конзулат и со полициски кучиња изврши интервенција во која беа повредени голем број луѓе кои мирно демонстрираа, Чавушоглу истакна дека Холандија најверојатно се обидува да ја одвои турската дијаспора од нејзината матица и да ја смета за роб.
„Конзулатот е територија на Турција, а мојот вршител на дипломатски работи и на министерката не им е дозволен влез во таа зграда. Паралелнпо со тоа, не му е дозволено ниту на конзулот да излезе од зградата. Ова е сериозно прекршување на Договорот од Виена. Ваквото однесување е расистичко и ја покажува омразата кон странците и кон муслиманите. Тоа е кршење на слободата и општо на демократијата“, рече Чавушоглу.
Холандските власти вчера го спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Каја, да ги посетат своите дипломатски претставништва на таа земја и можноста да се сретнат со турската заедница во Холандија. Со полициска придружба, министерката Каја беше вратена во Германија, од каде што утрово пристигна во Турција.
Турското Министерство за надворешни работи го осуди актот на спречување на посетата и од амбасадорот на Холандија во таа земја, кој моментално е на одмор, побара извесен период да не се враќа на својата должност во Анкара. Забранет е влез и излез од амбасадата во Анкара и конзулатот во Истанбул поради безбедносни причини.